You are here

Новиот извештај алармира за глобален недостиг од 900.000 акушерки

ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ, Њујорк, 5 мај 2021 година - Милиони жени и новороденчиња ги загубија своите животи и милиони други се соочуваат со здравствени проблеми или повреди, бидејќи потребите на бремените жени и вештините на акушерките не се признаени или не се сметаат за приоритетни.

Светот во моментов се соочува со недостиг од 900.000 акушерки, што претставува една третина од потребната глобална работна сила за акушерки. Кризата со Ковид-19 само ги влоши овие проблеми, поради занемарувањето на здравствените потреби на жените и новороденчињата, нарушувањето на услугите на акушерството и распоредувањето на акушерките во други здравствени дејности.

Ова се некои од клучните наоди од извештајот за состојбата на акушерството во 2021 година од страна на УНФПА (Агенцијата за сексуално и репродуктивно здравје на ООН), СЗО (Светската здравствена организација), Меѓународната конфедерација на акушерки (ИЦМ) и партнерите, кои го оценуваат акушерството и поврзаните здравствени ресурси во 194 земји.

Акутниот недостиг на акушерки собира страшен глобален данок во форма на смртни случаи што можат да се спречат. Анализата спроведена за овој извештај, објавена во the Lancet минатиот декември, укажа дека до 2035 година преку целосно покривање со ресурси за медицинска помош до родилките може да се избегнат 67% од смртните случаи кај мајките, 64% од смртните случаи кај новороденчињата и 65% од случаите на мртвородени деца. На тој начин би можело да се спасат околу 4,3 милиони животи годишно.

И покрај алармирањето наведено во последниот Извештај за состојбата на светското акушерство од  2014 година, кој исто така обезбеди патоказ за тоа како да се поправи овој дефицит, напредокот во изминатите осум години беше премногу бавен. Анализата во извештајот од оваа година покажува дека, со сегашните стапки на раст, до 2030 година ситуацијата ќе се подобри минимално.

Родовата нееднаквост е непризнаен двигател во овој огромен недостиг. За да ги задоволат овие потреби, континуираниот недостиг на ресурси во работната сила во акушерството е симптом на здравствените системи кој не им дава приоритет на потребите за сексуално и репродуктивно здравје на жените и девојките и не ја препознава улогата на акушерките (од кои повеќето се жени). Жените сочинуваат 93 проценти од акушерките и 89 проценти од медицинските сестри.

Акушерките не присуствуваат само на породувањата. Тие исто така обезбедуваат антенатална и постнатална нега и низа услуги за сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и планирање на семејството, откривање и лекување на сексуално преносливи инфекции и услуги за сексуално и репродуктивно здравје за адолесценти, обезбедувајќи притоа соодветна грижа и почитување на правата на жените. Со зголемувањето на бројот на акушерки и обезбедувањето грижа во соодветни услови, се подобрува и целокупното здравје на жените и новороденчињата, што е во корист на целото општество.

 За акушерките да го искористат својот потенцијал во спасувањето животи и во промената на животот на засегнатите, потребни се поголеми инвестиции во нивното образование и обука, пружање услуги водени од самите акушерки и управување од страна на акушерките. Владите мора да дадат приоритет на финансирањето и поддршката за акушерството и да преземат конкретни чекори за вклучување на акушерките во утврдувањето на здравствените политики.

 

Цитати од партнери:

Д-р Франка Каде, претседател на Меѓународната конфедерација на акушерки:

„Како автономни даватели на примарна здравствена заштита акушерките постојано се занемаруваат и игнорираат. Време е владите да ги признаат заслугите на акушерките во промовирањето на здравствена нега, спасувањето на животите и да преземат мерки согласно препораките на извештајот SoWMy. ИЦМ е посветен на искористување на силата на нашата глобална заедница на акушерки да ги пренесе овие моќни наоди и да инспирира промени на ниво на државите. Сепак, оваа работа не е можна без посветеност на носителите на одлуки и оние кои владеат со ресурсите за да инвестираат во акушерките и квалитетната грижа што тие ја пружаат на родилките“.

 

Д-р Наталија Канем, извршен директор на УНФПА:

„Извештајот за состојбата на акушерството во светот го вклучи алармот, укажувајќи дека во моментов на светот итно му се потребни 1,1 милиони здравствени работници кои посветено би требало да работат и обезбедуваат грижа за сексуалното и репродуктивното здравје и заштита на здравјето на мајките, новороденчињата и адолесцентите, при што 80% од овие здравствени работници што недостигаат се акушерки. Способна и добро обучена акушерка може да има огромно влијание врз родилките и нивните семејства - влијание што често се пренесува од една на друга генерација. Во УНФПА, ние повеќе од една деценија работиме на зајакнувањето на образованието, подобрувањето на условите за работа и поддршка на лидерски улоги за акушерската професија. Увидовме дека овие напори даваат плод, меѓутоа неопходни се поголеми инвестиции“.

 

Д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО:

„Акушерките  играат витална улога во намалувањето на ризиците од породување кај жените ширум светот, но голем дел од нив беа изложени на ризик за време на пандемијата со Ковид-19. Ние мора да ги научиме лекциите што ги стекнавме од пандемијата, преку спроведување политики и спроведување инвестиции што овозможуваат подобра поддршка и заштита на акушерките и другите здравствени работници. Овој извештај обезбедува податоци и докази за поддршка на долгогодишниот повик на СЗО за зајакнување на работната сила во акушерството, што ќе има троен ефект во правец кон подобро здравје, родова еднаквост и инклузивен економски раст“.

 

Белешки до уредниците

Објавувањето на извештајот за состојбата во акушерството во 2021 година вклучува препораки за политики за подобрување на испораката на здравствени услуги за грижа за сексуалното и репродуктивното здравје и заштита на здравјето на мајките, новороденчињата и адолесцентите и лидерски практики и управување со акушерство. Овие препораки за политиките ќе бидат предмет на состанок на министрите за здравство на 18 мај и дијалог на 74-то Светско здравствено собрание (24 мај), каде што се очекува земјите членки на СЗО да ги усвојат глобалните стратешки насоки за медицинските сестри и акушерството засновани врз докази 2021-2025 со Резолуција во врска со работата на медицинските сестри и акушерките.