Состојба на светското население 2016 - додаток

Број на страници: 20

Датум на објавување: 2016

Author: UNFPA RO, Istanbul

Раното стапување во брак, тинејџерската бременост и другите манифестации на длабоко вкоренетите родови нееднаквости ги подриваат здравјето и правата на девојките и се закануваат на амбициозната агенда за развој на светот, предупредува УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, во Извештајот за состојбата на светското население во 2016 година.

Десет години е клучна возраст за девојчињата насекаде, бидејќи се приближува пубертетот. Во регионот на Источна Европа и Централна Азија, некои девојчиња на оваа возраст процветуваат, постепено градејќи ги своите вештини и проширувајќи ги своите хоризонти, поттикнати од поволна и овозможувачка средина во семејството и заедницата која ги охрабрува да започнат да прават избор и да ја обликуваат својата сопствена иднина. Но, многу други заостануваат поради општествено-културните норми и дискриминаторските закони и практики.

„На 10-годишна возраст, девојчето во нашиот регион е на крстопат“, вели регионалниот директор на УНФПА, Алана Армитаж. „По кој пат ќе тргне не е важно само за нејзиниот живот. Важно е и за животот на сите нас. Затоа што сите добиваме кога едно девојче - сто девојчиња, генерација девојчиња - можат да го исполнат својот потенцијал: човечкиот капитал јакне, економиите се развиваат, богатството расте.“

Во Источна Европа и Централна Азија, девојчињата обично се добро образовани, а подоцна дури и ги надминуваат момчињата и младите мажи во високото образование, според додатокот објавен од Регионалната канцеларија на УНФПА.