Соопштение за јавност

Јакнење на човечки капитал како одговор на демографските промени – Конференција на УНФПА

23 Октомври 2019
Регионална конференција за демографски политики и човечки капитал - Сараево, 21 и 22 октомври, 2019 Фото: UNFPA BiH

Инвестирање во човечки капитал, особено во здравјето на луѓето, образованието и иновативниот потенцијал е клучната стратегија за одговор на демографските промени во Југоисточна Европа, е заклучокот од Регионалната конференција што ја организираше Фондот за население на Обединетите нации-УНФПА, во Сараево.

             Државите од Југоисточна Европа со години имаат ниски стапки на фертилитет и високи стапки на миграција, најчесто на млади луѓе. Ова води државите во регионот да стануваат се помали и се постари. Некои од државите со најбрзо намалување на бројот на населението во светот се наоѓаат во Југоисточна Европа, и владите се загрижени дека тоа ќе предизвика негативни последици на економијата, социјалниот систем и инфраструктурата.

            “Очигледно е дека рапидната демографска промена во Југоисточна Европа бара итни одговори, изјави Алана Армитаж, Регионална директорка на Источна Европа и Централна Азија. “Но, мора да се тргнеме настрана од негативни сценарија и да ја претвориме кризата во можност“.

             Преку 100 претставници на влади, граѓанското општество, меѓународни организации и академците, идентификуваа серија на стратегии како одговор на демографските промени. Ова вклучува учество на дијаспората, подобра интеграција на жената и постарите лица на пазарот на трудот, и инвестиции во образование и здравје на луѓето. Промена на реалноста во однос на вработувањето и иновациите во теxнологијата исто така нуди нови можности.

            “Целта, во суштина, е да се креираат држави каде луѓето сакаат да живеат и да се создадат општества каде младите луѓе ќе може да ги реализираат своите соништа и да ја изградат својата иднина, изјави Армитаж.

          Таа потенцираше дека јакнење на човечкиот капитал мора да се одвива во рамки на пошироки реформи што имаат за цел да ја јакнат економијата, добро владеење и владеење на правото, и да ги намалат нееднаквостите во контекст на напорите за постигнување на Целите за одржлив развој.

            Дводневната Конференција ја организираше УНФПА во соработка со Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Советот за регионална соработка (РЦЦ) и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).

              Конференцијата е дел од низата настани коишто водат до Самитот во Наироби за ICPD25 што ќе се одржи во Наироби, Кенија, од 13 до 15 ноември 2019 година.

         Оваа година УНФПА ја одбележува својата 50-годишнина и 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ICPD).