Соопштение за јавност

УНФПА и Владата потпишаа Договор за заеднички придонес во намалување на смртноста кај новороденчињата и мајките

10 May 2018
УНФПА и Владата потпишаа Договор
Скопје, 10 мај - Министерот за здравство г Венко Филипче и Директорката на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за државата г-ѓа Доина Болога, денеска во Скопје, потпишаа Договор за заеднички придонес за спроведување на дел од мерките за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата во државата.
“Подобрувањето на здравјето на мајките и нивните деца влијае врз целото општество. Ако сакаме да ги оствариме националните приоритети на развој, треба да обезбедиме право на здравје за сите“, изјави заменик-регионалниот директор на УНФПА г Иан Мекфарлан.
Договорот предвидува вкупно средства од околу пет милиони денари, од кои половина износ ги обезбедува Владата додека другата половина УНФПА, и е усогласен со Програмата на УНФПА за нашата држава за периодот 2016-2020, како и co едно од приоритетните национални прашања.
Здравјето на мајките и на новороденчињата се тесно поврзани, оттаму пристапот кон решавање на ова прашање треба да биде мултидисциплинарен.
Со активностите од овој Договор, освен што ќе се придонесе кон намалување на мајчината и новороденечката смртност, ќе се унапреди и квалитетот на услугите за перинатална грижа (грижа непосредно пред, во текот и непосредно по породувањето на родилката и новороденчето), што директно ќе обезбеди здраво и безбедно мајчинство и почитување, почитувајќи ги принципите на човекови права.
Активностите конкретно опфаќаат јакнење на капацитети на мултидисциплинарни тимови на здравствени работници (гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки-бабици) за ефективна перинатална грижа, согласно стандардите на Светската здравствена организација (СЗО), развивање и примена на клинички упатства, протоколи и алгоритми за перинатална грижа, базирани на докази, обезбедување присуство на стручна меѓународна експертиза во дадените области, во болниците, како и финализирање и примена  на стандардите за гинекологија и акушерство во селектираните болници.
Согласно Договорот, техничката помош на УНФПА се однесува и на менторство при спроведување на практики за перинатална грижа засновани врз докази, адаптација и акредитација на материјали за обука кои ќе се вклучат во континуираната медицинска едукација на гинеколозите, неонатолозите и акушерките како и јакнење на свеста кај жените и нивните семејства за знаците за опасност во текот на бременоста и породувањето.