Вести

Со ширењето на пандемијата, жените и девојките се соочуваат со зголемени ризици

20 Март 2020
Поради пандемијата, жените се соочуваат со ризик од насилство, ризик врз личната егзистенција и други закани. © Unsplash/Tam Wai

ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ, Њујорк - Со зголемување на бројот на лица заразени од Ковид-19 низ светот, владите преземаат досега невидени мерки за да го ограничат ширењето на вирусот, преку зајакнување на здравствените системи и ограничување на движењето. Сите овие мерки влијаат врз милиони луѓе. Но, во вакви околности, носителите на политиките не треба да ја изгубат од вид ранливоста на жените и девојките, којашто се зголеми поради кризата, се наведува во насоките на УНПФА, објавени денеска.

Ковид-19 , односно коронавирусот што со огромна брзина се шири низ светот, откако беше откриен кон крајот на минатата година е особено смртоносен кај постарата популација и лицата со претходни заболувања.

Сè уште недостигаат комплетни податоци и податоци за родовата поделеност на вирусот за да се разбере дали и каква е разликата помеѓу половите при инфекцијата, компликациите и смртноста.

Како и да е, и во вакви околности жените и девојките се соочуваат со различни фактори на ризик за кои итно треба реакција.

„Ширењето на болеста различно се манифестира кај мажите и жените“, се наведува во новите насоки УНПФА, којшто се занимава со прашањето која е улогата на родот во ширењето на пандемијата. „Пандемијата ги влошува нееднаквостите помеѓу мажите и жените и може да влијае врз начинот на добивање третман и грижа“.

Жените го сочинуваат мнозинството од работната сила во здравствениот и социјалниот сектор во светот. Фотографија од UNFPA Iran

Жените на првата линија на фронтот

Жените може да се соочат со зголемен степен на изложенот на ризик од Ковид-19 поради тоа што се диспропорционално претставени во здравствениот и социјалниот сектор во светот.

Околу 70 проценти од здравствените и социјалните работници во светот се жени. Голем дел од нив се бабици, медицински сестри и здравствени работнички, што ги става на првата линија на фронтот во борбата со која било болест.

Ризиците за жените и девојките исто така се зголемуваат кога здравствените системи ги пренасочуваат ресурсите од областите за сексуално и репродуктивно здравје во борбата со епидемии и кога доаѓа до тесни грла во процесите на набавки во борбата против различни пандемии. Услугите и материјалите во областа на сексуалното и репродуктивното здравје често се ставаат во втор план во услови на криза и покрај потребите на жените во областа на планирањето на семејството, покривање на менструалните потреби и здравствената заштита на мајките. Некои земји се принудени да пренасочуваат персонал и ресурси од други области во покритичните здравствени услуги.

Ова е особено загрижувачко време за бремените жени, на кои им се неопходни рутински здравствени услуги. Во насоките на УНФПА се наведува дека треба да се преземат контролни мерки за инфекции за да се заштитат жените во единиците за грижа во антенаталниот, неонаталниот и периодот по породувањето. На бремените жени исто така им се потребни веродостојни информации и квалитетна грижа.

„Денес нема докази дека бремените жени се во поголем ризик од тешки заболувања од Ковид-19  или врз основа на други симптоми“, вели извршниот директор на УНПФА, д-р Наталија Канем. „Важно е да се осигури дека сите бремени жени кај кои постои сомнение или се позитивни на Ковид-19 и понатаму ќе имаат пристап до целосна и квалитетна здравствена грижа. Бремените жени со респираторни потешкотии мора да се третираат со највисок приоритет поради ризикот од негативни последици“

Ризик од насилство, ризик врз личната егзистенција

Пандемијата доведе до зголемување на заканите што ја надминуваат самата инфекција. Искуствата од претходните избувнувања на слични заболувања укажуваат на тоа дека жените и девојките се особено ранливи.

По избувнувањето на зикавирусот  во 2015-2016 жените се соочуваа со бројни бариери во здравствениот систем поради недостиг на автономија врз сопственото сексуално и репродуктивно здравје, несоодветен пристап до здравствени услуги и недостиг на финансиски ресурси. За време на избувнувањето на болеста ебола во Западна Африка во 2014-2016 кај жените постоеше поголема опасност од инфекција поради нивната доминантна застапеност во бројот на негуватели и здравствени работници.

Денес пандемијата на коронавирусот може да има речиси исто влијание врз начинот на живот на жените, особено поради фактот што училиштата се затворени, со што се зголемува товарот на грижата за семејството, што вообичаено паѓа на жената, и исто така поради фактот што ограничувањето на патувањата влијае врз секторот услуги и неформалните вработувања каде доминираат жените.

Епидемиите и стресот што тие го носат со себе исто така може да доведе до зголемување на ризикот од семејно насилство и други форми на родово-базирано насилство. Економското влијание на вирусот ебола, на пример, доведе до зголемен ризик од сексуално насилство кај жените и децата. Во денешно време, кога семејствата се соочуваат со тензична атмосфера, финансиска несигурност и други видови притисок, жените и девојките се особено ранливи.

УНФПА апелира до носителите на политики да ги вклучат ставовите на жените во планирањето на чекорите и носењето на одлуките во борбата против пандемијата. До здравствените системи се апелира да бидат спремни за суштинска поддршка на лицата што страдале од родово-базирано насилство.

„Сите што поминале низ тоа мора да имаат пристап до заштита и здравствени услуги, дури и во услови на строг карантин", вели Ајме Сантош, експерт за родови прашања на УНПФА која работи на Филипините и помага на здравствениот сектор во борбата против пандемијата.

Работиме заедно

Сите овие видови ранливост влијаат и врз хуманитарниот аспект.

„Речиси 48 милиони жени и деца, вклучително 4 милиони бремени жени кои се идентификувани од страна на УНФПА и на кои им е потребна хуманитарна помош во 2020 година се особено погодени од опасноста од избувнување на Ковид-19", се наведува во насоките.

Потребни се хуманитарни акциски планови за да се одговори соодветно на оваа пандемија.

Освен застапувањето на решенија што се родово сензитивни, УНФПА обезбедува материјална поддршка на засегнатите здравствени системи.

Во Кина, УНФПА дистрибуираше санитарни салфетки и пелени за возрасни за ранливите групи, вклучително и постарите лица што се под особен ризик, како и лична заштитна опрема за здравствените работници. Во Иран, УНФПА достави маски, средства за дезинфекција и ракавици за здравствените работници.

На Филипините, УНФПА неодамна обезбеди лична заштитна опрема - вклучително наметки, мантили со долги ракави, заштитни средства за лице, заштитни очила, апрони, капи и покривки за чевли за здравствените работници што се на првата линија на фронтот. Овие материјали ја надополнуваат претходната пратка на рачни термометри и хируршки маски.

„Императив е поддршката што ја даваме на Министерството за здравство и на сите херои денес во оваа земја, сите оние кои работат во здравствениот сектор, особено оние на првата линија на фронтот коишто ги ризикуваат своето здравје и безбедност во борбата со оваа појава. Тие треба да се заштитат од инфекција", вели д-р Џозеф Мајкл Синг, здравствен експерт на УНПФА од Филипините.