Изјава

Светски ден на населението 11 јули - Планирање на семејството е човеково право

11 Јули 2018
Д-р Наталија Канем, Извршен директор УНФПА, Фонд за население на Обединетите нации

Обединетите нации, Њујорк, 11 јули - Пред педесет години, на 13 мај 1968 година, на Меѓународната конференција за човекови права на Обединетите нации во Техеран, Светот објави дека „родителите имаат основно човеково право слободно и одговорно да го одредат бројот и разликата во годините на своите деца“.

Планирањето на семејство не е само прашање на човекови права туку е и од суштинско значење за поддршка на жените, намалување на сиромаштијата и постигнување на одржлив развој.

Сепак, поради различни причини, почнувајќи од недостаток на информации или услуги до недостаток на поддршка од нивните партнери или заедници, околу 214 милиони жени во регионите во развој, сè уште немаат безбедни и ефикасни методи за планирање на семејството. Ова ја загрозува нивната способност да создадат подобра иднина за себе, за своите семејства и заедници.

УНФПА го поддржува планирањето на семејството во земјите во развој, обезбедувајќи снабдување со целосен опсег на современи контрацептивни средства, зајакнување на националните здравствени системи и промовирање на родовата еднаквост.

УНФПА е целосно посветена на продолжување на поддршката и на напорите на земјите да го почитуваат правото на поединците, особено на жените, за планирање свои семејства. Ние се стремиме до 2030 година да ставиме крај на сите неостварени потреби за самостојно планирање на семејството во земјите во развој. Меѓутоа, тоа не може да го направиме сами. Владите, пратениците, приватниот сектор и граѓанското општество мора да ги здружат силите за остварување на оваа цел. За почеток, развиените земји би можеле да го пополнат финансискиот јаз во однос на глобалното планирање на семејството за само 20 центи по лице годишно. Со оглед на тоа што ќе добијат семејствата, општествата и нациите за возврат, тоа би било стратегиска и достижна инвестиција за иднината на светот.

На овој Светски ден на населението, УНФПА ги повикува Владите да ги исполнат своите обврски за обезбедување на универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје и репродуктивни права, вклучувајќи услуги и информации за планирање на семејството, како што беше договорено на Меѓународната конференција за население и развој во 1994 година и согласно Агендата за одржлив развој до 2030 година. Инвестициите во планирањето на семејството денес претставуваат инвестиции во здравјето и благосостојбата на милиони жени за следните генерации.