Соопштение за јавност

Светскиот ден на здравјето: Заштита на акушерките со цел да се зачува безбедноста на жените и бебињата за време на пандемијата со Ковид-19

7 Април 2020

Оваа година  на Светскиот ден на здравјето ја одбележуваме првата Меѓународна година на медицинските сестри и акушерките.  Акушерките имаат клучна улога за сè она за што се залага УНФПА - Агенцијата за сексуално и репродуктивно здравје на ООН. Нивните вештини за спасување  живот не вклучуваат само безбедно породување, туку, напротив, акушерките ги едуцираат, зајакнуваат и им овозможуваат на жените да водат здрав живот и да го остварат своето право на сексуално и репродуктивно здравје.

Во време на актуелната пандемија со Ковид-19, која веќе зарази повеќе од еден милион луѓе ширум светот, здравствените работници се хероите кои работат во првите редови во борбата против оваа пандемија. Акушерките го ризикуваат сопствениот живот, со цел да го спасат животот на бремените жени и новороденчињата, притоа преземајќи ги сите мерки на претпазливост за да им овозможат безбедна и здрава бременост, како и целосна заштита од овој вирус.

Акушерките имаат клучна улога во јавното здравство, особено за време на вонредни состојби како што е пандемијата Ковид-19. Тие се од суштинско значење за зајакнување на здравствените системи кои се потребни, со цел да го преживееме коронавирусот. Во случаи кога акушерките се неопходен персонал за справување со вакви состојби, тешко може да се избегне загрозувањето на основните услуги за сексуално и репродуктивно здравје.

Од друга страна пак, акушерките кои се грижат за пациентите што се надвор од болниците, потребно е да се придржуваат до безбедносните мерки за оддалеченост, што се неопходни за спречување на ширењето на болеста. Колку е поголем бројот на акушерки кои се подготвени да ги посетуваат домовите на бремените жени во руралните заедници или кои можат да понудат телефонска антенатална и постнатална грижа, толку повеќе се спречува луѓето да пренесат или да бидат заразени од коронавирусот.

Додека коронавирусот го зафаќа целиот свет, вклучително и многу развиени земји со кревки здравствени системи, жените продолжуваат да забременуваат и раѓаат. Акушерките се од суштинско значење во однос на обезбедување безбедна бременост и породување за секого и насекаде. Тие, исто така, нудат информации и советувања за контрацептивните средства што им се потребни на жените и младите, дури и во услови на криза.

Акушерките, како здравствени работници во првите редови, се особено изложени на зараза од вирусот. Тоа значи дека и бремените жени и бебињата се изложени на ризик. Затоа, ние мора да преземеме итна акција со цел да ги заштитиме акушерките, односно акција за обезбедување соодветна лична заштитна опрема за сите акушерки онаква каква што е обезбедена и за другите здравствени работници од првите редови за заштита од зараза од Ковид-19.

Во целиот свет акушерките сѐ повеќе се соочуваат со пандемијата со Ковид-19. Со поддршка од страна на УНФПА, акушерките во тешко погодените земји работат деноноќно, со цел да обезбедат целосна грижа за мајките и бебињата.  Тие велат дека никогаш нема да ги напуштат своите пациенти.  

УНФПА, во соработка со Светската здравствена организација и другите партнери, се залага за акушерките во светот, денес и секој ден.

Сепак, и покрај пандемијата со Ковид-19, животот продолжува и понатаму, а бременоста и породувањето не се исклучок од тоа. Во ова тешко време за сите нас, а особено за здравствените работници, потребно е да сториме сè што е во наша моќ, со цел да ги заштитиме акушерките за да можат да продолжат да се грижат за безбедноста на мајките и новороденчињата.