Вести

Отворање на првите Центри за упатување на жртви на сексуално насилство

14 July 2018
Прес-конференција пред зградата на општата болница во Куманово

Куманово, 14 јули - Центри за упатување на жртви на сексуално насилство денеска се отворија во три градови во државата – Куманово, Тетово и во Скопје. Централниот настан се организираше во општата болница Куманово во присуство на владини и претставници на локалната самоуправа, претставници на Програмата за развој на ОН (УНДП), на Фондот за население на ОН (УНФПА), како и присутни од невладиниот сектор и медиуми.

 Парламентот, на 22 декември 2017 година, ја ратификуваше Истанбулската конвенција за превенција и борба против семејното и насилството врз жената. Поради исполнување на целите за подобро справување и спречување на родово-базирано насилство (РБН), со посебен фокус на сексуално родово базирано насилство (СРБН), државата воспостави функционирање на мултисекторски центри - Центри за упатување на жртвите на сексуално насилство, каде што ќе се обезбедува интегриран и целосен одговор за жртвите на СРБН.

Центрите се отворија со поддршка на УНФПА и УНДП

Министерството за здравство, во соработка  и со техничка поддршка на УНДП, на УНФПА и на невладината организација ХЕРА, ги отвори Центрите во рамки на Универзитетската клиника за гинекологија во Скопје, како и во болниците во Тетово и во Куманово. Во трите центри здравствените работници ќе даваат услуги по стандардизирани оперативни процедури.

 „Во државата недостасува центар каде на едно место жртвите од силување и други сексуални насилства може да добијат медицинска помош и полициска поддршка. Наместо тоа, жртвите мора да одат на различни места/канцеларии каде што се принудени неколку пати да ја повторуваат приказната“, изјави на отворањето во Куманово Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и претставничка на УНДП и УНФПА во државата. Таа додаде дека жртвите честопати се чувствуваат засрамени од ова искуство кое повторно го преживуваат, како да тие се виновни а не оние што го извршиле насилството.

 На настанот присуствуваа и министрите за здравство, за труд и социјална политика и за внатрешни работи кои ја изразија подготвеноста на Владата за соработка во соочување со сексуалното насилство.

 „Центрите се отворени само една година откако Владата ја ратификуваше Истанбулската Конвенција“, изјави министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи на владината посветеност кон овие прашања. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека овие услуги се во согласност со меѓународните стандарди и оти истовремено се работи на неколку пакети мерки за искоренување на секој вид насилство. И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го поддржа отворањето на Центрите посочувајќи дека Министерството со кое раководи, е подготвено за соработка и поддршка во напорите за сузбивање на сексуалното насилство.

Центарот ќе биде место за упатување на жртвите на сексуално насилство и ќе може да се извршат сите потребни здравствени, психосоцијални и правнобезбедносни иследувања на едно место, во сигурна и доверлива средина, а во согласност со препораките на сите релевантни меѓународни институции.

Одговорот на СРБН се заснова врз меѓуинституционална соработка и партнерство и претставува сеопфатен и координиран пристап во насока на усогласување и корелација на програмите и активностите развиени и имплементирани од страна на различни институции во областа на психо-социјалната помош, спроведувањето на законите и безбедноста (полицијата, обвинителите и судовите) и здравството, кои се во интерес на жртвите.

Целта е во следните неколку години вакви Центри со мултисекторски пристап и одговор да функционираат на целата територија на државата.