You are here

Извештај за состојбата на светското население 2021

Скопје/Њујорк, 14 април 2021 година – Извештајот на Фондот за население на Обединетите нации - УНФПА за Состојбата на светското население за 2021 година, објавен денеска, наведува дека на речиси половина од жените во 57 држави во развој им се негира правото да одлучуваат дали да бараат здравствена заштита, дали да имаат сексуални односи со своите партнери или да користат контрацепција.

За првпат еден извештај на Обединетите нации се фокусира на телесната автономија: моќта и можноста самите да правите избори за вашето тело, без притоа да имате страв од насилство или некој друг да одлучува за вас. Недостигот на телесна автономија има големи последици врз жените и девојчињата, што ги надминуваат дури и најсериозните повреди преку: потенцијално намалување на економската продуктивност, намалување на ефективноста на нивните вештини, како и со воведување дополнителни трошоци за здравствената заштита и судските системи.

 

Клучни наоди: мое тело, но не и мој избор

УНФПА, преку овој извештај, ја мери моќта на жените да донесуваат одлуки за своите тела, како и степенот до кој законите на државите го поддржуваат или се мешаат во правото на жената да ги носи овие одлуки. Податоците укажуваат на постоење силна врска помеѓу моќта на донесување одлуки и повисоките нивоа на образование.

Извештајот покажува дека во државите каде што се достапни податоци:

  • Само 55 проценти од жените поседуваат целосна моќ да прават сопствени избори од аспект на здравствената заштита, контрацепцијата, како и да може да одбијат сексуални односи.
  • Само 71 процент од државите гарантираат пристап до целокупна здравствена заштита за мајките.
  • Само 75 проценти од државите усвоиле легална рамка со која се обезбедува целосен, еднаков пристап до контрацептивни средства.
  • Само околу 80 проценти од државите усвоиле закони за поддршка на сексуалното здравје и благосостојба.
  • Само околу 56 проценти од државите усвоиле закони и политики кои го поддржуваат сеопфатното сексуално образование.

 

„Фактот што речиси половина од жените сè уште не можат сами да одлучуваат за тоа дали да имаат или немаат сексуални односи, дали да користат контрацепција или да бараат здравствена заштита, треба да нè налути сите“, вели извршната директорка на УНФПА, д-р Наталија Канем. „Во суштина, стотици милиони жени и девојки не го поседуваат сопственото тело. Со нивните животи управуваат други“.

Извештајот исто така документира голем број други начини на нарушување на телесната автономија на жени, мажи, девојчиња и момчиња:

  • 20 држави или територии усвоиле закони од типот „омажи се за силувачот“ („marry-your-rapist”), со што на мажот му се овозможува да избегне кривично гонење доколку се ожени со жената или девојчето што ја/го силувал.
  • 43 држави немаат усвоено законодавство што го третира проблемот со силувањето во брак (силување од страна на сопружникот).
  • Над 30 држави го ограничуваат правото на жените да се движат надвор од својот дом.
  • Девојчињата и момчињата со попреченост се изложени на речиси три пати поголем ризик од сексуално насилство, при што, најголем ризик постои кај девојчињата.

Решенија: моќта да се каже ДА, правото да се каже НЕ

„Телесната автономија е основа за уживање на сите човекови права, вклучувајќи го и правото на здравје и правото на живот ослободено од насилство“, вели Алана Армитаж, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Жената која има контрола над своето тело е поверојатно да биде охрабрена на успех и во други сфери од нејзиниот живот. Таа добива не само во смисла на автономија, туку и преку напредок во здравството и образованието, приходите и безбедноста. Голема е веројатноста да напредува, а исто така и нејзиното семејство “.

Извештајот за Состојбата на светското население е годишно издание на УНФПА што се објавува од 1978 година и го насочува вниманието кон новонастанатите проблеми од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права, а ги истражува и предизвиците и можностите за меѓународниот развој.