Изјава

Жените, девојчињата и здравствените работници не смеe да бидат занемарени во рамките на глобалниот одговор во врска со заразата од Ковид-19

27 Март 2020
Приказ на ситуацијата со заразата Корона вирус (Ковид-19) Фото: СЗО

Изјава на извршната директорка на УНФПА, д-р Наталија Канем 

Обемот и последиците од кризата со Ковид-19, со секој изминат ден, стануваат сè поочигледни и поалармантни.

УНФПА, Агенција на Обединетите нации за сексуално и репродуктивно здравје, изразува солидарност кон сите оние кои се справуваат со новиот коронавирус: почнувајќи од медицинскиот персонал и волонтерите, кои храбро се грижат за болните, па сѐ до возачите на автобуси и негувателките, кои се на линијата на фронтот за справување со овој вирус. Ние сочувствуваме со сѐ поголемиот број лица кои ги загубија своите најблиски како резултат на најголемата глобална здравствена криза на векот.

Ковид-19 ја става на тест меѓународната заедница. Но сепак, соработката на УНФПА со владите, партнерите, агенциите на ООН и донаторите продолжува и се зголемува. Воспоставени се планови за деловен континуитет на сите нивоа, додека, пак, нашата посветеност да им служиме на најранливите и тешко достапните е посилна од кога било досега.

Како и кај повеќето кризи, оваа пандемија сериозно го наруши пристапот до виталните сексуални и репродуктивни здравствени услуги и, притоа, ги попречи можностите на властите да одговорат на родово-базираното насилство, во време кога на жените и девојчињата најмногу им се потребни овие услуги. УНФПА соработува со владите и партнерите, со цел да се даде приоритет на потребите на жените и девојчињата, во согласност со нашите цели до 2030 година да се стави крај на неисполнетата потреба за планирање на семејството, да се стави крај на смртните случаи на мајките кои може да се спречат, како и да се стави крај на родово-базираното насилството и штетните практики.

Испративме апел до донаторите за финансирање на нашите активности за справување со Ковид-19, особено насочени кон земјите со слаби системи за јавно здравје и социјална поддршка, вклучително и земји во фрагилна и хуманитарна состојба, при што, во моментов за 2020 година е проектиран износ од 187,5 милиони американски долари. Напорите на УНФПА ќе бидат насочени кон зајакнување на здравствените системи, набавка и испорака на основните материјали за заштита на здравствените работници, обезбедување пристап до сексуално и репродуктивно здравје и услуги во врска со родово-базирано насилство и унапредување на комуникацијата меѓу засегнатите страни во состојба на ризици и ангажманот на заедницата.

Сега е време за солидарност, одлучност и несебичност. Не смееме да заборавиме дека има луѓе што можеби не ги забележуваме веднаш, а кои се изложени на голем ризик како резултат на последиците од кризата, како што се:

Бремените жени, на кои им е потребна антенатална грижа, но не се сигурни дали е безбедно да се оди на клиника, жените во насилни односи заглавени дома во догледна иднина кои стравуваат за својата безбедност, десетици милиони луѓе во бегалските кампови кои ги одбројуваат деновите до пристигнување на коронавирусот, а за кои социјалното дистанцирање едноставно не е опција, како и постарите луѓе, од кои многумина се заглавени во изолација, без никаква социјална интеракција и кои се особено ранливи на вирусот и може сериозно да се разболат.

УНФПА обезбедува материјална поддршка за погодените здравствени системи и ги заштитува здравствените работници и акушерките. На пример, во Кина, Иран и Филипините дистрибуиравме основни средства за хигиена и други неопходни производи на најранливите, како и лична заштитна опрема на здравствените работници. Во Молдавија воспоставивме интернет-платформа со соодветен табеларен приказ наменет за здравствениот систем, каде се прикажува тековниот број нови случаи, распоредени според локација, пол, возраст и статус на бременост.

Меѓутоа, додека се бориме против Ковид-19 за време на тешките месеци што ни следуваат, ние треба да сториме многу повеќе за да се осигуриме дека се задоволени најинтимните, но сепак најсуштински потреби на жените и девојчињата во светот. УНФПА во неколку наврати го опиша она што треба да го преземеме во вакви случаи во големиот број упатства што неодамна беа објавени на UNFPA.org на овие теми.

Оваа глобална криза бара и глобален одговор. Бараме меѓународната заедница да им помогне на сите оние што се погодени од кризата, како на оние со Ковид-19, така и на оние што се затворени во изолација, на кои им се ускратени услугите што им се очајно потребни.

Ве молиме, придружете ни се заедно да се заложиме за достоинството и здравјето на жените и девојчињата сега кога сме им најпотребни.